? НАЦИОНАЛНИ ЕНЕРГЕТСКИ РЕСУРСИ Скопје

КОНТАКТ: +389 2 609 0137 | contact@mer.com.mk

Бајрам Реџепи: Еден приватен оператор ќе ја снабдува цела земја со природен гас под иста тарифа
Објавено на: 25.10.2019 НЕР АД Скопје

Интервју Бајрам Реџепи: Еден приватен оператор ќе ја снабдува цела земја со природен гас под иста тарифа

Еден приватен оператор под иста цена за цела држава ќе го дистрибуира природниот гас во Македонија, најавува Бајрам Реџепи, директорот на Национални енергетски ресурси, претпријатието кое интензивно го гради националниот гасовод во државата, но и истовремено се справува со пречките на патот како експропријацијата, дивоградбите и пробивањето. И покрај тоа, Реџепи вели дека годинава ќе биде рекордна со 100 километри изграден гасовод.

Кога очекувате Национални енергетски ресурси и АД ГА-МА да се поврзаaт во еден оператор во Македонија, така што ситуацијата во Македонија ќе биде чиста и ќе биде појасно кој ќе го пренесува природниот гас?

- Спојувањето го налага законот за енергетика, и тоа треба да се реши брзо,во наредните месеци. Но, тоа не зависи од нас. Со ребалнасот на буџетот веќе се предвидени средства за владата да го превземе уделот од приватниот партнер, и тоа секако дека ќе треба да се случи пред Нова Година, во оваа фискална година.

Каква е ситуацијата на терен со магистралните гасоводи и кои се актуелните пречки до целосното гасифицирање на земјата?

 

- На терен се гради интензивно. Годинава ќе ја завршиме со околу 100 километри изграден гасовод од преносната мрежа. Иако имаме исклучително многу проблеми на терен, од различна природа, и од причина што цела 2017 година поминала без да се реши експропријација, заради тоа што не биле предвидени средства. Се трудиме максимално да го надополниме тоа изгубено време, и очекувам дека до втората половина на наредна година двата краци за Битола и Гостивар да бидат оперативни. Тоа е потребно, но не и доволно за да стигне гас до потрошувачите. Треба брзо да се развие и дристрибутивната мрежа.

 

Што следува по изградбата на магистралните гасоводи и кога ќе започне интензивната работа на интерконекторот со Грција и како ќе се финансира таа фаза?

- Интерконекцијата со Грција ни е наш врвен приоритет. Основано на физибилити студијата што ја завршивме лани, веќе сме во фаза на изработка на студијата за животна средина и на основниот проект, со грант од WBIF. Интензивно преговараме да ја затвориме и финансиската конструкција за градбата, и тоа ќе биде дел со грант од WBIF и дел со кредит од EIB. Градбата се очекува да започне до крајот на наредна година, и да заврши до 2022, со што дефинитивно се диверзифицираат изворите на снабдување, се стабилизира пазараот на гас и секако ќе имаме пристап до поевтин гас.

Кој ќе ја спроведува гасификацијата во самите населени и индустриски места?Се споменува дека тоа ќе биде јавно-приватно партнерство со тоа што приватниот субјект ќе биде еден оператор на ниво на цела држава.

- Врз основа на студијата за изградба и развој на дистрибутивната мрежа, Владата на почетокот на оваа година одлучи дистрибутивната мрежа да се изгради со јавно приватно партнерство. Најбитното е што приватниот партнер ќе биде обврзан да гради не само во физибилните региони, туку и во тие што според студијата се определени како нефизибилни, значи во целата територија на државата, со единствена тарифа. Причината за ваквата одлука е заради енормното аерозагадување во повеќе градови во текот на зимата. И дефинитивно гасификацијата во целата територија на државата е единственото решение за тој огромен проблем.  

 

Има ли интерес кај приватните оператори кои би го дистрибуирале гасот во домаќинствата?

- ЕБРД организираше работилница, каде што беа поканети повеќе странски големи и искусни оператори. Има голем интерес за овој значаен проект.Тоа ќе биде една од најголемите и највлијателните инвестиции во државата. Најбитно е да се создадат максимални услови за конкуренција и пред се да се заштитат и интересите на граѓаните. 

Како населението ќе ја плаќа цената за приклучок, уреди и инсталација, ако се знае дека тоа се не така малку пари за да се платат одеднаш?

- Цената за приклучок се очекува да биде неколкукратно поевтина од тоа што сега се плаќа во Куманово и Струмица. Јас очекувам цената за приклучок да биде околу 100 евра, така е и во регионот. Сега се плаќа околу 800 Евра. На просечно 4 члено семејство со околу 80м2 стан, ќе му бидат потребни, просечно 1500 евра за адаптација на внатрешната инсталација. Планот е, дел да се субвенционира, дел да се кредитира преку операторите, и граѓаните да ги плаќаат преку месечни фактури.Таа месечна фактура за гас заедно со фактурата за електрична енергија, ќе биде помала од сегашната фактура за електрична енергија, гледајќи ги сегашните цени, и цените во регионот.

 

Колкава ќе биде цената на природниот гас во однос на другите алтернативни извори на енергија и дали во иднина кога ќе биде достапен тоа ќе значи дека државата ќе делува рестриктивно кон сечата на дрвата?

- Ако ги споредиме сегашните цени по kw/час, на сите енерегенси, кај нас и во регионот, користењето на гас ќе биде скоро најевтино. Но, секако за тоа дека треба да се создадат повеќе предуслови, дел спомнавме погоре. Ако ние носиме гас до секое семејство, сечата на дрвата секако и без рестрикција ќе престане, бидејќи користењето на гас ќе биде и евтино и многу полесно за користење. 

 

Каква е ситуацијата во Град Скопје. Дали тука ќе дојде до судир на интереси, ако се знае дека градската управа сака да ја шири топловодната мрежа, односно да го зголемува бројот на приклучени на парно?

- Напротив, тие се комплементарни услуги. Во Скопје, гасификацијата треба да се развие од переферија кон центар. Периферијата е најголем загадувач на амбиенталниот воздух во Скопје. Целта е, до граѓаните и до индустријата, да им се овозможат повеќе алтернативни извори за енергија,  а со тоа дефинитивно ќе се реши и проблемот со аерозагадувањето. Јас не гледам никаков судир тука. Растот на потрошувачката на гас ќе ја намали цената, а со тоа ќе се намали и цената на услугата за топлификација, бидејќи и нивните котлани користат гас.