? НАЦИОНАЛНИ ЕНЕРГЕТСКИ РЕСУРСИ Скопје

КОНТАКТ: +389 2 609 0137 | contact@mer.com.mk

Можно е кратко пролонгирање на роковите за изградбата на гасоводот
Објавено на: 24.09.2019 НЕР АД Скопје

 Припојувањето на „ГА-МА“ кон Национални енергетски ресурси (НЕР), откако Владата ќе стане целосен  сопственик на оваа компанијата за пренос на природен гас, за гасификацијата ќе значи забрзување на процесот, единствена и поевтина тарифа, ефикасност и ефективност, вели за „Мета“ првиот човек на НЕР, Бајрам Реџепи.

Сепак, според него, тоа е потребен, но недоволен услов за гасот да стигне до домаќинствата и индустријата.

„За евтиниот гас да стигне до секое семејство треба да се создадат неколку предуслови, да имаме диверсификација на изворите за снабдување, брза и ефикасна изградба на дистрибутивната мрежа, субвенционирање на внатрешните инсталации и неколку други предуслови. Основајќи се на студијата за изградбата и развојот на дистрибутивната мрежа и гледајќи ги најдобрите европски пракси, Владата веќе одлучи дистрибутивната мрежа да се гради со јавно-приватно партнерство. Но општините секако дека можат да помогнат ако направат добри и одржливи проекти, посебно кога знаеме дека процесот до добивање на одобрение за градба е сложен и долг“, вели Реџепи.

Тој оценува дека има исклучително добар напредок во изградба на преносниот гасоводен систем, но сепак ќе има кратко пролонгирање на роковите.

„Многу доцна е почната постапката за решавање на имотно правните односи. Ова можеби ќе биде главна причина за кратко пролонгирање на роковите. Но, тоа ќе го процениме кон крајот на годинава“, додава Реџепи.