Изградбата на гасоводната мрежа се одвива со одредени застои поради корона кризата
Објавено на: 06.05.2020
НЕР АД Скопје
Решавањето на имотно-правните односи и усвојувањето на инфраструктурните проекти за измените во тек на градба, предизвикаа одредени застои во изградбата на гасоводната мрежа за време на овие два месеци откако трае кризата со корона вирусот, вели директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи во разговорот за „Мета.мк“.
„Ние ги направивме сите напори за да продолжи реализацијата на проектите, и успеавме во тоа. Но, нормално дека не е возможно во време на пандемија се да оди според предвидената динамика. Застоите беа во решавање на имотно-правните односи, бидејќи беа одложени сите расправии во управата за имотно-правни работи. Вториот проблем е усвојувањето на инфраструктурните проекти за измените во тек на градба, бидејќи се чекаат мислења од различни институции, и во време на пандемија тоа оди многу споро, но и ред други проблеми,“ вели Реџепи.
Директорот на НЕР информираше дека делницата Неготино – Битола, е скоро 90 проценти изградена. Оваа делница, ако нема да се појават други дополнители проблеми би требало да биде завршена до средина на оваа година.
„На делницата, Скопје-Тетово-Гостивар, имаме поголем застој, и помала реализација, заради причините што ги спомнав погоре, и сигурно дека ќе ни треба повеќе време да го завршиме целосно,“ додава Реџепи.
Изградбата на преносната мрежа, како што информираше директорот на НЕР и после завршувањето на сегашните делници ќе продолжи да се развива. Ќе се затвори прстенот Гостивар-Кичево-Охрид-Битола, и ќе се градат краци до сите градови околу прстенот, како и другите интерконекциски водови према Бугарија, Косово, Србија и Албанија.
„Тоа е во нашите среднорочни и догорочни планови. Дистрибутивната мрежа ќе почне да се гради после завршувањето на постапката за јавно-приватно партнерство, и потпишување на договорот со приватниот партнер. Првата фаза која ги опфаќа поголемиот дел од општините а со тоа и поголемиот дел на потрошувачите ќе се гради во првите четири години, но ќе се развива се до завршување на концесискиот период,“ додава тој.
Според последната одлука на Владата, јавниот повик за ангажирање на приватен парнтнер за изградба на дистрибутивниот систем за природен гас на целата територија на државата трае до 9 јуни, но според Реџепи ситуацијата може да го поремети текот во оваа прва фаза на воспоставување на јавно-приватно партнерство и тој рок да биде одложен.
„Мое лично мислење е дека треба да се продолжи рокот, бидејќи имаме ситуација на затворени граници многу долг период, и можеби повеќе компании не биле во можност да ја подигнат тендерската документација. Така нив ги ставаме во нерамноправна положба. Но, сепак владата како концесионер е таа што треба да одлучи за продолжување на рокот на првата фаза,“ потенцира Реџепи.
Услов во тенедерската документација за јавното-приватно партнерство е приклучокот на семејствата во системот да чини не повеќе од 100 евра. Реџепи вели дека ако тендерот биде завршен успешно, цената за приклучок сигурно ќе биде 100 евра, или можеби и помала.