? НАЦИОНАЛНИ ЕНЕРГЕТСКИ РЕСУРСИ Скопје

КОНТАКТ: +389 2 609 0137 | contact@mer.com.mk

Реџепи: Тендерот за јавно приватно партнерство за целата територија ќе го забрза процесот на гасификација
Објавено на: 08.02.2020 НЕР АД Скопје
 

Реџепи: Тендерот за јавно приватно партнерство за целата територија ќе го забрза процесот на гасификација

 

Гасот како еден од најчистите енергенти никако да дојде во Македонија. Секоја нова власт на почетокот на мандатот ја најавува гасификацијата како еден од приоритетите за граѓаните на оваа држава, за чистата животната околина, за поевтиното греење..., но некаде овој проект постојано заглавува. И актуелниот директор на Национални енергетски ресусри (НЕР, поранешно МЕР), Бајрам Реџепи е полн со енергија и оптимизам во однос на тоа дека кај и да е гасот и во Македонија ќе може да се употребува и во домаќинствата.

 

Наредната недела се очекува да биде распишан тендер за јавно приватно партнерство за оператор за гасификацијата на Македонија. Кога очекувате конечно во Македонија и домаќинствата да можат да употребуваат гас?

 

- Изградбата и развојот на дистрибутивната мрежа е клучен за природниот гас да стигне до домаќинствата. Јас очекувам дека до оваа есен ќе имаме договор за јавно приватно партнерство, но на приватниот партнер ќе му биде потребно време за да проектира и да добива одобрение за градба по општините. Во тие општини кај што има проекти, можеби и до крајот на оваа година ќе почне изградбата на дистрибутивната мрежа и ќе ги имаме првите приклучоци.

До каде е изградбата на главните водови за гас, од Неготино до грчка граница и од Скопје до Гостивар?

- До средина на оваа година ќе се завршат делниците Неготино – Битола и Скопје-Гостивар. До крајот на оваа година очекуваме дека ќе бидат оперативни. Интерконективниот вод, Неготино – Гевгелија е во фаза на изготвување на студијата за влијанието врз животната средина и на инфраструктурниот проект. Овој интерконектор треба да почне да се гради до крајот на оваа година, користејќи грант од WBIF и кредит од EIB. Градбата на овој интерконектор ќе заврши до крајот на 2022 година, при што ги диверсифицираме нашите извори за снабдување и ќе имаме пристап до поконкурентен пазар.

Гасоводот Клечовце - Штип е готов веќе 4-5 години ама цевките се празни. Што е причината зошто во источниот дел од земјата гасот сѐ уште не е во употреба?

- Сите дефиниции во новиот закон за енергетика, предвидуваат да има само еден оператор за пренос на природен гас, што значи само една лиценца. Сега таа лиценца ја има ГА-МА. Од друга страна законот наложува да се раздвојат дејностите, што значи приватниот партнер треба да се ослободи од акциите во ГА-МА. Додека не се реши овој проблем, односно НЕР и ГА-МА да се спојат во едно акционерско друштво, таа делница не може да стави во функција на пренос на природен гас.

Дали нерешениот спор ГАМА - Макпетрол може да влијае на одложување на овие процеси околу гасификацијата на земјата?

- Апсолутно да. Тоа е предуслов, за да се пуштат во употреба сите делници кои се завршени и тие кои се во тек на градба од страна на НЕР. Инаку, ќе треба да се смени законот за енергетика. Но, јас сум оптимист дека тоа ќе се реши, без да имаме потреба од менување на законот.

Зошто толку многу доцниме во гасификацијата на земјата? Каде грешевме досега?

- Повеќе општини што гравитираат околу сегашниот преносен гасовод, од Скопје до бугарска граница, можеле да се гасифицираат пред повеќе од 20 години. Но, моделот што го избра Куманово со општинско јавно претпријатие се покажа недоволно функционален. Причините се елементарни. Тоа не функционира на мал пазар и на мала потрошувачка. Бидејќи, методологијата за пресметување на тарифите, продуцира енормно високи тарифи за приклучок и за дистрибуција, што реално, употребата на природен гас, го прави недоволно економски атрактивен за домаќинствата и индустријата. Проектирањето, изградбата, одржувањето и развојот на дистрибутивниот систем бара голема финансиска моќ, искуство и едуциран кадар. Со одлуката на владата за јавно приватно партнерство за целата територија на државата, мислам дека ова прашање е решено на најдобар можен начин, како што веќе се создадени и сите други предуслови да носиме природен гас до семејствата и индустријата, а тоа да биде далеку со поповолни и поатрактивни економски услови.

Кои би биле цените за еден приклучок во стан, куќа... за едно домаќинство?

- Моментално цената за приклучок е многу висока, околу 800 евра, но и цената по кубен метар гас не е толку атрактивна. Тоа се должи на малата потрошувачка, нерегулираниот дистрибутивен систем, неразвиениот преносен систем, немањето алтернатива за снабдување со гас… Следува брз развој на пазарот на гас и брз раст на потрошувачката, со што користењето на гас ќе стане атрактивно како од економска гледна точка така и од еколошки аспект. Јас очекувам дека цената за приклучок ќе биде скоро десет пати поевтина од сегашната цена што се плаќа. Создадени се сите предуслови да се намалат и тарифите за пренос и дистрибуција и, секако, нашето интерконективно поврзување со грчката „Десфа“ ќе ни овозможи да имаме пристап и до поевтин гас. Но за да расте бројот на нови приклучоци, секако е многу битно да им помогнеме на домаќинствата да ги приспособат внатрешните инсталации за користење гас. Планот на Владата е со комбиниран модел за субвенционирање и обезбедување кредити со многу поволни услови, да се поттикне брз раст на приклучоците кај домаќинствата, индустријата и кај компаниите. Брзиот раст на потрошувачката ќе влијае за брзо опаѓање на цените.